Кошарка
28. July 2015 - 17:21

Кошаркарите очекуваат „Македонската фаланга’’ да биде нивни „шести играч’’

Македонската кошаркарска репрезентација продолжува со подготовките за престојаното ЕП во септември.
 
Конкуренцијата е силна, но нашите репрезентативци веруваат во своите квалитети, а се надеваат дека со поддршката на „Македонската фаланга’’ во Загреб, ќе можат да остварат неколку победи кои би им донеле полесни противници во осминафиналната рунда.
 
Најдобриот стрелец од минатогодишните квалификации Бојан Трајковски верува дека оваа подмладена секреција, потпомогната со искусните Владо Илиевски и Предраг Самарџиски може да се справи со секој противник,  без разлика на нивната фаворитска улога.
 
- Ги знаеме квалитетите на Хрватска, Словенија, Грција. Тоа се репрезентации кои постојано се во самиот врв на сите големи натпреварувања. Но... Ние нема однапред да се предадеме, напротив.  Како и лани кога малкумина веруваа во нас, така и овој пат ќе сториме се за докажеме дека вредиме како тим и дека не случајно сме дел од Евробаскетот’’, порачува Трајковски.
 
Тој очекува и голема поддршка од трибините во загрепската Арена, која ќе биде мотив повеќе за остварување на целта.
 
-За разлика од минатата година кога во квалификациите СЦ „Борис Трајковски’’ не беше исполнет до последното место, сега во Загреб очекувам „Македонската фаланга’’ да биде во поголем број. Се надевам дека навивачите ќе бидат наш „шести играч„ и дека со нивното бодрење ќе ни дадат „ветер во грб„ како би оствариле победа повеќе во групата, а со тоа би избориле и дуел во осминафиналето со полесен противник’’, завршува Трајковски.