Македонија
21. December 2015 - 14:30

Министерот Спасовски бил во интензивна директна комуникација со осомничените од „Фабриката за афери“

Оливер Спасовски бил во директна и интензивна комуникација со осомничените во скандалот „Фабрика за афери“, дознава Сител од извори во истрагата. Според информациите до кои дојдовме, Министерот за внатрешни работи,

Оливер Спасовски бил во директна комуникација со прво осомничениот во аферата во која полицијата ги откри фалсификаторите на личните карти и други документи.

Нашите извори велат дека од првичниот увид во материјалите запленети во текот на акцијата јасно се гледа дека техничкиот министер Спасовски бил во комуникација со прво осомничениот Захир Бекири – Чаушот и останатите осомничени лица.

Според засега неофицијални информации во пронајдените материјали постојат докази за комуникација помеѓу осомничените и Оливер Спасовски.

Најмалку еднаш во последните десет дена Спасовски бил во комуникација со осомничените, а со прво осомничениот бил и во интензивна комуникација еден подолг период претходно.

Истрагата треба да покаже за што комуницирале и за што се договарале особено со оглед на фактот дека веќе се појавија информации во јавноста дека осомничените биле дел од структурите на СДСМ.

Оттука станува јасно, зошто Спасовски во една своја изјава рече дека не треба да се брза со истрагата.

„Не треба да имаме брза истрага, туку напротив, треба да имаме квалитетна истрага којашто ќе покаже кој тоа го направил, зошто го направил, дали го направил по нечија наредба, за што биле употребени овие фалсификувани лични карти итн., бидејќи самото фалсификување на лични карти, патни исправи или какви било други документации е недозволиво“ – рече Спасовски во интервју за Радио слободна Европа.

Информацијата до која дојде Сител е скандалозна, особено ако се има предвид дека Бекири е познат сторител на кривични дела. Во девет наврати тој бил пријавуван и кривично гонет. Осум дела за кои му се изрекувани и затворски казни на Бекири се поврзани со измами и фалсификување документи. Самиот факт дека Министерот Спасовски комуницирал со лице по кое е распишана потерница, од позиција на прв човек во МВР е скандал сам по себе и експертите кои ги контактиравме  тврдат дека постои освен апсолутна и морална и кривична одговорност кај него.

По ова станува јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ секој ден повикуваше за расчистување на овој случај, а СДСМ молчеше и одбегнуваше директни одговори.

Оваа информација дава драматична димензија на целиот случај и фрла ново светло на оваа мега афера.

Спасовски, како што велат вработени во МВР кои го виделе вечерта, изгледал многу вознемирен кога дознал за истрагата и упадот во фабриката за фалсификати на СДСМ.

Потоа лицата од неговото опкружување го советувале, иако со задоцнување од 48 часа да испрати соопштение, а претходно, поддржувачите на опозицијата очигледно несвесни и без доволно информации, по наредба глумеа лажна еуфорија, сакајќи да претстават дека Спасовски поентирал. Информациите од истрагата говорат за голема вознемиреност кај Спасовски и кај неговите први соработници овие денови.

Досега според извори од истрагата се обработени нешто над 15% од материјалот и од тоа што е отворено досега се дознава дека се работи за огромен скандал, кој ќе завземе многу широки пропорции.

Оттука и не изненадува изјавата на Премиерот во која кажува дека е фрапиран од она што го имал како досегашна информација и во која бара меѓународната заедница одблиску и длабински да го следи овој случај.

Во опозициската партија осен едно штуро соопштение, нема никаков коментар за скандалот.

Молчи и Оливер Спасовски. Веќе 3 дена Сител постојано се обидува да стапи во контакт со него за да даде одговори за информациите за неговата евентуална вмешаност во целиот скандал.