Бизнис
4. September 2015 - 20:09

ММФ: Влезот на странските компании ќе отвори 30.000 работни места за 2 до 3 години

Над 30.000 нови работни места ќе отворат странските инветситори во Македонија во наредните две до три години. Ова го констатира ММФ во најновиот извештај за земјава кој беше подготвен по последната мисија во јули годинава.

Во извештајот се нотира дека врвен приритет на макеоднската Владата е намалувањето на невработеноста. Според монетарците, стратегијата за намалување на бројот на невработени е всушност база за целата економска политика која ја води Владата. Од Фондот сметаат дека во мала и географски затворена економија како нашата, единствен начин за намалување на невработеноста е влез на странски инвестиции. За да привлече инвеститори, македонската влада нуди добар даночен систем и бизнис клима и ги прави потребните инвестиции во инфраструктурата. Ваквата стратегија за развој веќе дава резултати, констатираат монетарците и посочуваат дека Македонија има највисок економски раст во регионот.

Минатата година Македонија имала највисок раст во регионот со стапка од 3,8 отсто пораст на БДП. За оваа година Фондот проектира раст од 3,2 отсто, што е близу до проектираниот раст од страна на Владата.

Според ММФ, Владата останува посветена на стабилната фискална политика и дека стабилното управување со јавните финансии е топ приоритет на Владата. Како што се наведува во извештајот на ММФ, Македонија со јавен долг од 43,7 отсто и државен долг од 36,1 отсто е меѓу најмалку задолжените земји во Европа. Истакнато е и дека долгот е резултат на јавните инвестиции во инфраструктурни проекти како патна и железничка инфраструктура, енергетика и здравство, што понатаму ќе генерира раст на економијата и ќе влијае на намалување на невработеноста.

За банкарскиот систем ММФ смета дека е добро капитализиран, обезбеден со домашни депозити, а Централната банка прифатила повеќе мерки за претпазливост во контекст на грчката криза

Во извештајот на Фондот се споменува и Фондот за иновации и технологии, за кој како што велат од ММФ „ќе го зајакне иновативниот капацитет на македонската економија“. Фондот почна да функционира на почетокот на 2015 година. Од ММФ оценуваат дека тој ќе придонесе за креирање нови бизниси и работни места, особено за млади и високо квалификувани кадри.