Македонија
15. April 2018 - 16:12

Десетина медицински сестри ќе останат на улица, по пензионирањето на лекарите

Десетина медицински сестри од внатрешноста до крајот на годината ќе останат на улица. Матичните лекари во чии ординации работат ќе одат во пензија. Со затворање на амбулантите, овој кадар ќе остане невработен. Најголем број се на околу 50 годишна возраст и имаат уште една деценија до пензионирање. Од Здружението на приватни лекари велат дека ова е сериозен проблем бидејќи со ова се засегнати сите 1570 матични во државата.

-Оваа недела имав голем број јавувања од мои колеги матични лекари концесионери кои ќе одат во пензија и се загрижени за медицинските сестри кои работат со нив. Велат дека по 30 години поминале заедно и сега со затворање на ординацијата сестрите ќе останат без работа. Надлежните мора сериозно да се погрижат за оваа состојба која не загрижува сите, затоа и со години бараме префрлање на пациенти на ПЗУ а не на матичен. Мора да се најде решение, вели Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ

И додека во други градови медицински сестри ќе останат без работа, во Скопје матични лекари не можат да најдат вакви здравствени работници бидејќи бегале по подобар живот во странство. Од Здружението на приватни лекари велат дека ваквите диспропорции во барањето и немањето на кадар можат да бидат решени со централна база на податоци за сестри и лекари, која во Македонија ја нема.

-Во Скопје и Виница не можат да најдат сестри а лекари матични фалат сегде. Ако има база централна, тогаш веднаш може да се најде работа, вели Чолакова.

Покрај проблемот со медицинските сестри, од ЗПЛРМ велат дека на Управен одбор што ќе го имаат до крајот на наредната недела, треба да одлучат какви чекори ќе преземат по предлогот на фондовските директори, матичните повторно да одат до подрачните на ФЗОМ за секоја пријава на пациент. Реагираат дека тоа е враќање 1о години наназад наместо конкретно решавање на нивните барања.