Бизнис
27. October 2018 - 16:14

МИОА во дилема дали има премногу вработени во администрацијата или е потребен дополнителен кадар

До вчера јавната администрација беше превработена, а од денеска, на министерот Манчевски му фалат работници. За само 24 часа од прераспределба на вработени во приватниот сектор, административци прераснаа во сектор со голем одлив на работници во странство.

-Нашата цел е како веќе неколку пати кажавме. Никој да не го загуби работното место. Сепак, правиме анализа со која ќе детектираме што е она што е вишок на институциите. И како што веќе кажавме, ќе го понудиме под одредени услови на приватниот сектор.

-Вработувања во јавниот сектор има и ќе има. Зошто? Затоа што институциите имаат и голема потреба. Не е само дека има прилив, има и огромен одлив. За жал, на кадри кои најмногу недостасуваат и во приватниот сектор и кои што навистина е тешко да се најдат.

Зголемениот обем на нови вработувања на јавниот сектор доаѓа во време на константни обвинувања на опозицијата за партизирање на институциите. Од опозицијата велат дека поради лошите економски политики на власта, расте сиромаштијата а граѓаните бегаат надвор од државата.

И експертите потврдуваат дека последните две години забележан е благ раст на одливот на работници од Македонија.

-Оаа година и претходната година веќе почнува да се забележува феноменот на одлив на работна сила од јавната администрација што во претходните децении и претходните години воопшто не беше присутна како појава. Напротив, повеќето луѓе од Македонија сакаа да бидат вработени во јавната администрација. Сега се чини, почнува поинаков процес, поинаков феномен, вели универзитетскиот професор Лазар Јовевски.

Експертите очекуваат во иднина да се зголеми одливот на работна сила, што пак, ќе се манифестира и во јавниот сектор и во стопанството.