Македонија
4. December 2018 - 15:01

Заев: Македонија има поддршка од европските земји за Договорот од Преспа и за ЕУ и НАТО

 Македонија е позитивен пример на Балканот и ја има поддршката од европските земји и еврокомесарот Јоханес Хан за реализација на Договорот од Преспа и евро-атланските интеграции, изјави премиерот Зоран Заев по Самитот на шефовите на влади на земјите членки на Централно Европската Иницијатива што се одржа во Загреб.

Заев го оцени Самитот како добра можност за Македонија да го повтори своето очекување за поддршка од земјите пријатели, за членство на во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ.

– Ја побаравме поддршката од земјите членки за процесите во ЕУ и во НАТО. Македонија се истакнува во позитивно светло во градењето пријателство, добрососедските односи, реформите и очекувањата се дека преку Македонија ќе продолжи проширувањето, рече премиерот Заев.

Во одговор на новинарско прашања, Заев рече дека во Загреб немал средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој синоќа  присуствувал на вечерата што ја организираше хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, но оти не останал на денешниот Самит.

– Во следна прилика ќе го искажеме очекувањето за одговор на барањето екстрадиција на Никола Груевски, бидејќи тој според меѓународните конвенции и законите мора да ја отслужи својата казна во Република Македонија, рече премиерот Заев.

На прашањето дали има некаква порака од Јоханес Хан, рече дека еврокомесарот е задоволен од Македонија и од постапките во Собранието и внатрешниот дијалог на власта со опозицијата. Еврокомесарот Хан, како што рече премиерот Заев, споделил очекување дека ова ќе го овозможи потребното  двотретинско мнозинство во Парламентот за уставните амандмани, во согласност со Договорот од Преспа.

Заев оцени дека добро се одвиваат реформите во правосудството, безбедносните служби и изрази очекување дека тоа ќе биде мотивација институциите да ги спроведат реформите.

Прашан за очекувањето за членство во НАТО, премиерот Заев рече дека Македонија свети на Балканот, дека со реформите и со Договорот од Преспа е отворен патот и дека Македонија ќе биде следната 30. земја членка на Алијансата.

За односите Белград – Приштина, децидно одговори дека и Србија и Косово се соседи на Македонија, дека Скопје е посветено на добрососедските односи, дека не се меша ниту учествувала во какви било состаноци во врска со ова прашање и дека останува посветена на градењето добри односи со сите соседи.