Македонија
7. March 2019 - 11:26

Таксистите на средба со Заев за решавање на проблемите на легалните такси превозници

Премиерот Зоран Заев денеска прими делегација на Асоцијацијата на легални такси превозници кои на средбата ги изразиле своите очекувања за брзо донесување на законските измени со кои треба да се реши прашањето на нелегалните такси превозници и компании, можностите за целосна фискализација во такси превозот, како и за проширување на можностите за субвенции за електрични возила.

На средбата премиерот Заев, како што соопшти владината прес-служба, истакнал дека прашањата што ги засегаат претставниците на Асоцијацијата на легални такси превозници, кои вработуваат повеќе од 4.000 граѓани, се од интерес и за Владата, особено во делот на фискализацијата и елиминирањето на сивата економија, и во однос на квалитетот на такси услугите за граѓаните.

Како посебно значаен на средбата бил нагласен заедничкиот интерес за системско решавање на набавката на нови возила со високи еколошки стандарди и електрични автомобили, како придонес во справувањето со аерозагадувањето.