Свет
9. October 2019 - 13:15

Турската операција во Сирија сè уште не е почната

Планираната турска воена операција во Сирија не е почната и во моментов се извршуваат финални подготовки, соопштија турски воени извори.

Според истите извори, распоредувањето на сили и воена опрема веќе е завршено.

Војници со тешка техника отстранија бетонски огради на пунктови на границата.

Турскиот министер за одбрана Хусур Акар денеска изјави продолжуваат подготовките за очекуваниот упад на територија на Сирија.

– Нашите напори во врска со офанзивата продолжуваат како и подготовките, изјави Акар за Анадолија.

Во меѓувреме, турската агенција јави дека Националната коалиција на сириските револуционерни и опозициски сили соопштила оти е подготвена да се бори против тероризмот заедно со Турција.

Коалицијата ја потврдила својата заложба за борба против тероризмот во сите негови форми и за соработка со партнерите за пораз на терористичките организации.

Закрилната организација, позната и како Сириска национална коалиција, „е подготвена да се бори против тероризмот во соработка и заедничко дејствување со браќата во Турција, со цел да ги заштити националните интереси на сирискиот народ заедно со Арапите, Курдите, Туркменците, Асирците и други“, се вели во соопштението кое го цитира Анадолија.