Свет
24. November 2019 - 14:49

Пратеникот на Ликуд, Гидеон Саар, побара итни внатрепартиски избори

Партискиот ривал на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пратеникот на конзервативнот Ликус, Гидеон Саар, денеска и официјално побара оддржување итни внатрепартиски избори за нов лидер на партијата, во обид да го смени долгогодишниот неприкосновен Нетанјаху.

Надежите на актуелниот премиер дека ќе остане на функцијата се сериозно разнишани од четвртокот наваму кога државниот обвинител Авихај Манделблит ја соопшти одлуката за покренување обвинение против него за измама и злоупотреба на довербата во три корупциски случаи, од кои во еден е вклучен и поткуп.

Нетанјаху, кој на оваа функција е непрекинато цели 13 години, најдолго од сите израелски премиери, одлуката на обвинителот ја оцени како обид за државен удар.

Саар оцени дека критиката на Нетанхау, кажана по соопштувањето на обвинението, е неодговорна и „го гази државниот систем“.

-Нетанаху нема да биде во состојба да формира влада. Потребни ни се вонредни избори во следните две недели, рече Саар, додавајќи дека Ликуд е демократска партија и потсети дека долго немало партиски избори, пренесоа израелските медиуми.

Покрај тоа, наведе дека тој ќе биде во состојба да формира влада.

Израелскиот министер за туризам и пратеник на Ликуд, Јарив Левин, меѓутоа, ова барање на Саар го карактеризира како погрешно и смета дека доаѓа во погрешно време.

Претседавачот со Централниот комитет на Ликуд, пратеникот Хаим Кац, сепак, вчера изјави дека пратениците од оваа партија кои сакаат да го предизвикаат Нетанјаху на партиски избори треба да имаат можност тоа да го направат, со што им даде зелено светло за вклучување во партиската битка.

Саар, поранешен министер за образование и за внатрешни работи и некогашен близок соработник на Нетанјаху, смета дека партиските избори ќе му овозможат на новиот лидер да се обиде да формира влада. Во спротивно, ќе мора да има нови парламентарни избори кои и самиот Нетанјаху неодамна ги опиша како потполн хаос.

Ниту еден член на Ликуд од висок ранг, освен Саар, засега не се изјасни јавно против Нетанајху, но неколкумина одбија да дадат изјава за поддршка за премиерот, што се смета за знак на тивок бунт.

И покрај обвинувањата Нетанјаху се заколна дека ќе остане премиер се додека се бори против нив, но се очекува дека, сепак, ќе мора да се откаже од неколку министерства за кои е задолжен во преодната влада. .

Тој негира дека сторил нешто лошо и побара да се поведе истрага против полицајците и обвинителот.

Се очекува државниот обвинител наскоро да го соопшти ставот дали Нетанјаху може повторно да се обиде да формира нова влада.

Во меѓувреме, утринава во напната атмосфера се оддржа седница на Владата на Израел, јавија американските медиуми. Притоа, Нетанјаху воопшто не го спомена обвинението, туку зборуваше за воинственоста на Иран и ситуацијата во Појасот Газа.