Македонија
1. January 2020 - 10:05

Скопјани ја пречекаа Новата 2020. со Дино Мерлин

Со хитовите на музичката ѕвезда Дино Мерлин, синоќа над 60.000 граѓани од земјава и од странство ја пречекаа Новата 2020 година во главниот град на плоштадот „Македонија“. Организатор на прославата беше Град Скопје.

– Веселата атмосфера со пеењето на неговите хитови на новогодишната ноќ дополнително ја кренаа сценските ласери и повеќеминутниот огномет со кои се означи почетокот на Новата година. Граѓаните во весело расположение си посакаа многу среќа, добро здравје и успеси во Новата 2020 година, соопшти денеска Град Скопје.

Новогодишната забава во Скопје синоќа почна во 20:30 часот.  Покрај Дино Мерлин, настапија групите „Gypsy Groove“ и „Суперхикс“. Со овој концерт завршува и „Винтерленд“, или зимскиот град кој втора година се организира на скопскиот плоштад.

Плоштадот „Македонија“ изминатиов месец беше центар на новогодишните празнувања во Скопје, а граѓаните имаа можност да ја почувствуваат празничната магија и да уживаат во најразновидна забавна програма. Најголем интерес кај посетителите побуди дигиталната новогодишна елка, како и новогодишните куќички на населбата „Винтерленд“ кои беа сместени на плочникот меѓу ГТЦ и плоштадот. Во близина на куќичките имаше и мала сцена на која секојдневно се организираа настани и концерти наменети за различни возрасти.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов на својот фејсбук-профил им ја честита Новата година на скопјани и изрази благодарност за поддршката при, како што пишува, совладувањето на децениски натоложуваните проблеми во нашиот град.

– Во Новата година, со уште повеќе напор и ентузијазам, ќе продолжиме во нашата заедничка битка за поубав и подобар град. На сите, во Новата 2020 година, Ви посакувам многу здравје, среќа, мир, љубов, спокој во душите. Сакајте ги своите блиски, своите семејства, сакајте ги дури и луѓето кои што не ги познавате. Со љубов меѓу нас, светот станува многу поубаво место за живеење, напиша Шилегов на фејсбук. 

Светот ја дочека Новата година весело и со огномет од Сиднеј до Лондон, иако прославите останаа под сенката на пожарите во Австралија, протести во Хонг Конг и Индија, како и нуклеарни тензии со Северна Кореја.

Жителите на Кирибати, Самоа и Божиќниот Остров во Тихиот Океан беа први што влегоа во 2020 година, а последни што влезат во Новата година ќе бидат жителите на Американска Самоа.

Бројни граѓани се собраа во европските престолнини за да уживаат во спектакуларните бои што ги осветлуваа небото над Биг Бен во Лондон, Триумфалната порта во Париз, Атинскиот Партенон и московскиот Кремљ.