Македонија
25. September 2019 - 14:39

Адеми: Постои силна основа за дополнително зајакнување на соработката со Швајцарија

Mакедонската дијаспора во Швајцарија, нејзината интегрираност во швајцарскиот систем и можностите за продлабочување на соработката преку локални проекти, беа дел од темите на средбите на министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми со раководителот на Бирото за имиграција во Лозана, Башким Исени и директорот за спорт и социјална кохезија во оовј швајцарски град, Оскар Тосато.

Соговорниците, како што соопшти кабинетот на Адеми, истакнале дека постои силна основа и можност за практично продлабочување на соработката на различни нивоа.

Тосато, како што се вели во соопштението, ја акцентирал соработката која досега Лозана ја реализирал со земјите од Западен Балкан и притоа ставил до знаење дека градот е отворен за соработка и поддршка на локални проекти во Република Северна Македонија.

– На двете средби министерот Адеми истакна дека со неговото назначување за министер задолжен за дијаспора, во целост се сменил пристапот на државата кон дијаспората. Во таа смисла, Владата на Република Северна Македонија ја усвои првата Национална стратегија за соработка со дијаспората, при што преку проектите и активностите кои произлегуваат од истата, соработката помеѓу државата и дијаспората ќе се крене на едно повисоко ниво. Притоа, Стратегијата е основа за многу заеднички проекти со македонската дијаспора, кои притоа би биле поддржани и од соодветните држави каде дијаспората во моментов престојува, стои во соопштението за работната посета на Адеми на Швајцарија.