Македонија
22. April 2024 - 16:34

Ахмети до Мицкоски: Внимавај што зборуваш, Мицкоски му возврати да се подготви за опозиција

Крајот на кампањата за претседателски избори го заостри тонот помеѓу Ахмети и Мицкоски. Лидерот на ДУИ вчера вечер од митингот на градскиот плоштад каде се интонираше само албанската химна и се вееа знамиња на Албанија и УЧК. за прв пат испрати директна порака до Мицкоски, да внимава што зборува.

Јас патував малку подолго и едвај чекав да дојдам тука кај вас за да му кажам неколку збора на Христијан Мицкоски. Христијан Мицкоски е пораснат со гурабии, Христијан Мицкоски е пораснат со бисквити. Јас сум пораснат во кула од камен што три пати е изгорена од освојувачите. Христијан, народот мој вели дека камен по камен се гради тврдината, збор по збор започнува бељата, не започнувај беља. Не започнувај беља и бирај ги зборовите, уште си млад и устата млеко ти вади“,кажа Ахмети.

Многу брзо од денес и млекото и кексите ќе ти преседнат. Закани не само што не ме заплашуваат, туку и добро ме засмејуваат,  возврати Мицкоски.

Мојот оброк Али во детството го печалеа моите родители со многу љубов и жртва да ме израснат и воспитаат во личност која ќе почитува и ќе се бори за својата Македонија. Но што е важно? Важно е Али да дадеш одговор со што ги хранеше твоите, па денес голобради момчиња печалат милиони, ја купуваат Соравија, или пак како го спечали тој дворец во Зајас кој е како на некој блискоисточен шеик, а не политичар од сиромашната Македонија.

Ја разбирам нервозата и паниката бидејќи за прв пат сте прочитани и пред пораз. Доаѓа времето за одговори на многу прашања. Ова не е 2001ва, туку 2024та, 23 години потоа, а ДУИ го претвори во криминална организација од која страдаат и Албанците и Македонците. Многу брзо од денес и кексито и млекото ќе ти преседна, напиша Мицкоски на фб

Пораките на Ахмети потикнаа реакција и од првиот човек на Достоинство, Стојанче Ангелов.

Мислам дека не треба да потсетувам какви емоции кај Македонците буди спомнувањето на УЧК и тоа во центарот на Скопје, на самиот скопски плоштад, додека присутните вееја безброј албански знамиња и знамиња на УЧК, без ниту едно единствено македонско знаме. Затоа, му порачувам на Али Ахмети да биде внимателен со заканите! Мицковски не е сам! Зад него стои ВМРО ДПМНЕ и коалицијата “Твоја Македонија“. Зад него стои и убедливо мнозинство од македонскиот народ но и убедливо мнозинство од нас, македонските бранители од 2001-та! Истите оние Бранители кои во воената 2001 ве поразија во сите битки на бојното поле, истите оние Бранители од кои ве спасуваа странците додека вие мавтавте со бели знамиња во Арачиново. Затоа со време кревајте рачна кочница напиша и Ангелов

По повеќемесечните пораки дека ДУИ по овие избори ќе оди во опозиција, Мицкоски од вчерашниот митинг на обединување ја повика и албанската опозиција, со која вели дека соработка ќе договара уште првиот ден по изборите.