Македонија
26. April 2024 - 16:32

Ценовен шок за возачите: Поскапе осигурувањето за регистрација на возилата

Осигурувањето за регистрација на возилата поскапе за 15%. Новите повисоки цени се наменети за автомобилите со моќност над 44 киловати и за товарните возила. Па, така, според новиот ценовник, за возилата со моќност до 55 киловати ќе треба да се доплатат околу 840 денари, а за оние над 110 киловати – повеќе од 1.500 денари.

Осигурителните компании биле известени од Националното биро за осигурување во понеделникот, со назнака дека новите цени треба да се применуваат од 25 април, односно од вчера.

Голем број граѓани при регистрацијата биле изненадени, бидејќи не знаеле за поскапувањето. Оние кои ги анкетиравме беа незадоволни.

„Уште тоа ни фали, па има ли нешто што не е поскапено? Што ќе не изненади денес? Секои 5 минути по нешто поскапува.“

„Какво прифатливо, тоа е хорор. Како може да е прифатливо? По кој основ поскапуваат? Ги направија патиштата?“

„Што е работава? Ова е стварно...и едно поскапо и друго поскапо.“

„За едната кола само платив 11 илјади и сега 15% колку ќе му излезе тоа, околу 2 илјади отприлика, само за едната кола...“

„Мислам дека ќе биде премногу скапо.“

„Не е оправдано, како оправдано? Секое поскапување не значи дека е оправдано. Тоа значи со сила ти ги земаат парите.“

Според Агенцијата за супервизија на осигурувањето ова е неоправдан чекор.

„По извршените актуарски пресметки утврдено е дека зголемувањето на цената, со дадените образложенија, не е оправдано. АСО го информираше и достави предлог до Министерството за финансии, во рамки на неговите законски надлежности, да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност. И со тоа да го ограничи износот на режискиот додаток што ќе овозможи намалување на цената“.

Од Министерството за финансии, пак, велат дека уште денеска се состанала надлежна комисија. Извештајот од Националното биро ќе го разгледува во понеделник, за да види дали одлуките се оправдани.

„Техничката премија којашто е дел од премијата за осигурување која ја плаќа осигуреникот, a која ја утврдува Владата на предлог на Комисијата, останува непроменета. Со донесените одлуки од страна на осигурителните друштва е извршена корекција на цената во делот на премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци)“.

Од Националното биро за осигурување велат порастот на цената е предизвикан од континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, порастот на цената на резервните делови, порастот на платите и постојаната голема инфлациона тенденција. 

„Општиот пораст на цените од 2008 до 2023 година изнесува 61,56 отсто. Истовремено цената за осигурување од автомобилснка одговорност не е променета веќе 15 години и е единствената категорија во нашата земја која не претрпела зголемување на цена“.

Осигурувањето од автомобилска одговорност е задолжително