Македонија
3. January 2017 - 13:00

Дваесет и седум годишнини на настани и личности во 2017-та

Дваесет и седум годишнини на значајни настани и истакнати личности во Македонија ќе бидат одбележани во 2017 година. Тие се содржани Програмата за одбележување јубилеи која беше усвоена од Собранието на Република Македонија.

Оваа година ќе бидат одбележани сто години од раѓањето на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров и 90 години од раѓањето на претседателот на првата (експертска) Влада на РМ Никола Кљусев, 60 години од смртта на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов-Ченто и десет години од загинувањето на Тоше Проески, полувековен јубилеј од основањето на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и од прогласувањето на автокефалноста на Македонската православна црква.

Оваа година се одбележуваат годишнини од раѓањето на: лексикографот и писател Ѓорѓија Пулевски и преродбеникот и музиколог Наум Миладинов (200 години), револуционерот и еден од основоположниците на МРО Андон Димитров (150 години), академскиот сликар и педагог Борко Лазески и ликовниот уметник Борислав Траиковски (100 години), графичарот и универзитетски професор Димитар Кондовски и режисерот Димитрие Османли (90 години) и од смртта на: револуционерите Димитар Поп Георгиев-Беровски и Иван Наумов Алабакот (110 години), композиторот и диригент Драган Ѓаконовски Шпато и писателот Живко Чинго (30 години), хуманистката и нобеловка св. Мајка Тереза и поетот и писател за деца Видое Подгорец (20 години), актерот и режисер Илија Милчин (15 години). 

Покрај 50-те години од формирањето на МАНУ и од прогласувањето на МПЦ за автокефална, настани чии годишнини ќе се одбележат во 2017-ма се и 100 години од основањето на Македонскиот револуционерен комитет во Петроград  и десет години од основањето на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците - Скопје.

Годишнини поврзани со албанската етничка заедница се и: 80 години од смртта на албанскиот писател и филозоф Ндре Мједа и 70 години од смртта на поетот и автор на албанската национална химна Асдрени, 50 години од смртта на книжевникот Митруш Кутели и 30 години од смртта на  писателот и преведувач Лазгуш Порадеци. Од турската етничка заедница е одбележувањето 90 години од раѓањето на музичарот со турско потекло Ајри Демировски. 

Носители на чествувањата на годишнините за Глигоров, Кљусев и за Ченто ќе бидат Претседателот на РМ, Владата на РМ и Собранието на РМ, а во одбележувањето на другите јубилеи се вклучени МАНУ, националните институти, соодветни институции, локалните самоуправи... Тие ќе организираат свечени седници, академии и научни собири, манифестации и споменични одбележувања, објавување монографии и публикации, воспитно-образовни активности итн... 

Покрај јубилејните годишнини, ќе бидат одбележани и државните празници поврзани со историски настани: 2 Август - Ден на Републиката; 8 Септември - Ден на независноста; 11 Октомври - Ден на народното востание и 23 Октомври - Ден на македонската револуционерна борба.