Балкан
29. November 2015 - 11:31

Грчките партии не постигнаа договор за пензиските реформи

Лидерите на пет грчки парламентарни партии по шестчасовни преговори, што траеја до доцна синоќа, не успеаја да постигнат договор околу реформите на пензискиот систем, објавија денеска медиумите во Атина. 

По средбата, грчкиот премиер Алексис Ципрас ги обвини опозициските партии дека се однесуваат „неодговорно и несериозно“.

Средбата ја иницираше Ципрас со цел да добие поддршка од опозицијата за реформите со кои се предвидува ново намалување на пензиите, чие спроведување е услов за финансика помош од меѓународните кредитори. 

Во текот на летото Владата на Ципрас склучи нов договор за помош со меѓународните кредитори, трет од 2010 година, со кој се согласи на дополнително кратење на државните трошоци, што опфаќа и намалување на пензиите.