Македонија
28. July 2015 - 16:05

Мајка и син убиени во скопско Козле- убиецот сеуште на слобода

Облеани во крв во куќата на сватовите во скопско Козле, утрово полицијата ги пронајде телата на двајца турски државјани. Мајка и син, 52 годишната Ѓулчин и 29 годишниот Самет, кои пред десетина дена пристигнале во домот на снаата. Самет бил во брак со неа два месеци. 

Од пет и триесет утрото до пладне траеше увидот на крим техника, но засега нема ниту осомничен ниту пак е позната причината поради која е извршено двојното убиство. Истрагата утврдила дека извршителот користел огнено оружје, но кој пукал ќе треба да покажат доказите пронајдени на лице место.

Соседите кои живеат на улцата три во Козле утрово ги разбудиле полициските службеници кои пристигнале на увид.

Никој не слушнал истрели, и тврдат дека немало расправии изминатите денови додека овде биле гостите од Турција.  Сопственикот на куќата претходно имал нерачистени односи со неговото семејство кое живее неколку куќи над нив.

Истрагата сепак не пронашла поврзаност помеѓу претходните пријави во ова семејство и двојното убиство од утринава. Од турската полиција е побарана помош во истрагата.

Се чекаат детали за досијеата на починати за да се состави мозаикот и да се утврди вистината.