Македонија
7. May 2024 - 19:43

Масовна посетеност на струшката литија

Голем број верници, од земјава, но и странство излегоа на струшките улици да им оддадат почит на моштите на Свети Георгиј Победоносец и чудотворната икона на Пресвета Богородица Крнинска. Традиционално, молитвената поворка тргна од црквата „Свети Георгиј“ и продолжи низ централното градско подрачје, од другата страна на реката Дрим низ чаршијата и повторно се врати во црквата.

Бројните граѓани со свеќи во рацете се помолија и поклонија пред светите икони. 

Стружани, без оглед на својата национална и верска припадност, деновиве се обединети околу ова големо чествување на Светиот Георгиј.

Традиционално литијата се одржува ден по големиот христијански празник посветен на Свети Георгиј Победоносец или кај народот познат Ѓурѓовден, а од година во година е се по масовна.