Македонија
29. March 2024 - 19:46

Мицкоски потпиша коалиција со 24 партии, повика на масовна излезност

24 политички партии станаа дел од коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Павле Трајанов, Стојанче Ангелов, Љубе Бошковски, Петар Богоевски, но и Солза Грчева застанаа рамо до рамо со Мицкоски.

Колалицијата ќе понуди конкретни решенија за реалните проблеми на граѓаните, борба со корупцијата, изградба на училишта, градинки, спортски сали, автопатски и железнички коридори. За убедлива победа, Мицкоски повика и на масовна излезност. 

- Сакаме пред граѓаните да излеземе со понуда и со решенија за проблемите што секојдневно ги чувствуваат. Конечно сакаме да ја вратиме надежта дека може да биде и поинаку и дека не се сите политичари и политики исти. Денеска праќаме јасна и недвосмислена порака да се излезе и да се гласа на претстојните избори затоа што седењето дома е глас за оние што речи си седум години не направија ништо, напротив, за однесоа Македонија наназад, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Кои од новите коалициски партнери ќе добијат свој пратеник во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ официјално ќе открие на утрешната конвенција за промоција на пратеничките листи. Мицкоски вели дека е задоволен од досегашната работа на пратениците, па веројатно затоа најголемиот дел од нив ќе се најдат на листите и за овие избори.

- Задоволен сум од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од овој пратенички состав затоа што покажаа карактер и јасна обединетост, нешто што досега не беше видено на македонската политичка сцена. Покажаа вонсериска и вонредна цврстина. Беа конструктивни кога требаше да бидат, ги штитеа интересите на граѓаните и државата кога требаше да ги штитат. Ценам дека идните пратеници ќе покажат како е, не само во опозиција, туку и како мнозинство, обединети, сложни и заедно да поддржат еден реформски процес во кој Македонија ќе биде трансформирана онака како што сакаше мојата, вашата, нашата генерација да ја види, рече Мицкоски.

Највисоките партиски органи вчера вечер ги утврдија пратеничките листи кои ќе се промовираат утре. Првата изборна единица ќе ја предводи партискиот лидер Мицкоски, втората Мисајловски, третата Ковачки, четвртата Николовски, петата Сајковски, а шестата Стојаноска.