Македонија
18. April 2024 - 18:03

Министерот Тошковски во посета на ОВР Кичево и полициските одделенија Зајас и Осломеј

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во работна посета на Одделението за внатрешни работи Кичево и Полициските одделенија Зајас и Осломеј кои се во негов состав. Тој, како што информира МВР, одржа состаноци со раководствата на организациските единици и беше запознаен со структурата, тековните активности, движењето на криминалитетот и состојбата со човечки ресурси и техничка опременост.

-Генерално, на територијата на ОВР Кичево каде живеат повеќе од 50 илјади жители има стабилна безбедносна состојба и има над 50 отсто реализација на кривични дела и покрај фактот што има ниска пополнетост со полициски службеници и стари возила, рече Тошковски.

За полициските одделенија Зајас и Осломеј се забележува, дополни, намалување во делот на евидентирани нарушувања на јавниот ред и мир, додека во делот на човечки ресурси и материјално-технички средства, состојбата е како и во најголемиот дел од организациските единици.