Македонија
20. April 2024 - 16:44

Над 100.000 граѓани не ги зеле личните документи во законскиот рок

Изборниот штаб на МВР раководен од Бирото за јавна безбедност веќе има план за спроведување на претстојните избори. Направена е анализа за критичните гласачки места, и полицијата веќе има план за распоредување на припадниците. Дополнителниот заменик министер уверува дека МВР е подготвено за да гарантира безбеден, мирен и демократски изборен процес.

-На одредени места кадешто ќе се процени дека треба да има зајакнато полициско обезбедување, дека и од Одделот за специјални операции треба да има припадници, тоа ќе го направиме. Затоа овој период ги собиравме сите потребни информации за да знаеме на денот на изборите како да се поставиме и на избирачките места и во градовите, вели дополнителниот заменик министер за внатрешни, Митко Бојмацалиев.

Повеќе од 100.000 граѓани се уште ги чекаат личните документи иако е поминат законскиот рок за нивно издавање. Вчера пристигнале 30.000 обрасци, но МВР нема капацитет да изработи повеќе од 3.000 документи дневно.

Проблемот кој надлежните не можат да го решат повеќе од 6 месеци повторно е причина за препукувања меѓу министерот и неговиот заменик за тоа кој е виновен за хаосот во Управното одделение на МВР.

-Пред техничката влада сите граѓани ги добиваа своите лични документи во рок од 15 дена, но за среќа техничката влада завршува за брзо. Ќе ги вратиме Управните служби во прав колосек, во кој граѓаните ќе бидат сликани и услужени за 15 дена ќе ги имаат своите документи. Не е само да ги сликаме граѓаните, да им ги земеме парите, а да не им ги дадеме пасошите. Граѓаните чекаат веќе 2,5 месеци за одредени документи кои уредно си ги платиле и се сликале.

-Доколку претходниот менаџмент на МВР обезбедел уште најмалку 2-3 машини кои ќе можат да принтаат не по 3.000, туку по 6.000 патни исправи на ден, во тој случај немаше да се чека два месеци, ќе се чекаше многу пократко. Но фактот е таков каков што е, вели техничкиот министер Панче Тошковски.

Со законски измени државата дозволи сите оние кои нема да успеат да ги променат старите документи, со нив да гласаат на претстојните парламентарни и претседателски избори.