Бизнис
15. April 2018 - 16:20

ЕЛЕМ одговори на обвинувањата од опозицијата

ЕЛЕМ нема да го поништи тендерот за ископ на јаглен во РЕК Битола. По обвинувањата на опозицијата дека компанијата го мести тендерот за фирмата Пелистер реагираше раководството на ЕЛЕМ . Директорот Миновски вели дека новосоздоадениот услов со кој компаниите кои сакаат да конкурираат  мора во претходните 3 години да имаат ископано најмалку 900 000 тони јаглен е со цел да се докаже дека фирмите имаат капацитет да вршат ископ. Тврди дека има повеќе од 7 компании кои може да конкурираат.

- На ова, еден економски оператор се жалеше до Државната комисија за жалби по јавни набавки. Комисијата ја одби жалбата како неоснована. Но и покрај тоа, АД ЕЛЕМ ја прошири можноста - да може да се пријават и фирми кои имаат ископано покрај јаглен, или 1 милион м3 јаловина( земја или карпест материјал) или руда. Значи, иако комисијата не ни наложи да ставаме дополнителни услови, иако беше проценето дека тендерот овозможува конкурентност, АД ЕЛЕМ самоиницијативно одлучи да додаде уште еден услов со цел да обезбеди уште поголема конкурентност, но конкурентност само на сериозни фирми.

Миновски го обвини претходното раководство дека склучило договори во 4 очи по цена повисока од сегашната.

- Споредбено по гигаџул, Пелистер во моментов копа по 87,8 денари за гигаџул, додека во време на Мицковски Пелистер копал по  96 денари по гигаџул. А Марковски - по  90денари по гигаџул.

Ова е одговорот на нивните прозивки за цената по која сега се врши ископот во РЕК Битола. Еве какви договори во непосредна спогодба склучил лидерот на ВМРО ДПМНЕ, партијата која сега го прозива ЕЛЕМ.

Двата договори, а и ред други договори, се предмет на внатрешна и надворешна  ревизија во компанијата. Резултатите допрва ќе ги види македонската јавност.

Опозицијата вчера побара да се поништи тендерот и да се распише нов со еднакви услови за учество.

Отварањето на понудите во редовната постапка ќе биде на 7ми мај по што ќе се знае дали Пелистер ќе продолжи со ископот на јаглен.

 

Новинар: Александра Десподовска