Свет
21. October 2018 - 10:42

Голем протест против Брегзит: Над 700 илјади луѓе маршираа во Лондон – бараат Велика Британија да остане во Европската унија!

Анкетите покажуваат дека моментално владее мнозинско расположение кај британскиот народ за останување во Европската унија, иако факт е дека земјата и натаму е длабоко поделена во врска со тоа прашање.

Британските власти го одредија 29-ти март идната година како датум кога земјата и официјално ќе ја напушти Европската унија, што значи дека договор со Брисел мора да биде постигнат до ноември затоа што истиот потоа мора да биде ратификуван од Британскиот и Европскиот парламент.

Организаторите на протестот во Лондон со кој што се бараше организирање на нов референдум на кој што повторно би се гласало дали Велика Британија треба да остане во Европската унија или не, успеаа да соберат над 700 илјади луѓе.

Маршот на иницијативата “People’s Vote” кој што низ улиците на британската престолнина се движеше кон зградата на британскиот парламент го предводеа младите гласачи. Пратениците од најголемите британски партии исто така ги поддржаа демонстрациите со кои што се бара нов референдум, иако британската премиерка Тереза Меј веќе ја отфрли таа идеја.

Маршот се одржал практично истовремено со уште еден про-Брегзит марш во Херогејт на кој што имало само 1,200 луѓе, а присуствувал и Најџел Фараж, еден од најистакнатите предводници на кампањата за излегување на Велика Британија од Европската унија.

Собир за поддршка за останувањето на Велика Британија во Европската Унија беше одржан и во главниот град на Северна Ирска – Белфаст, од каде што демонстрантите порачаа дека поборниците на Брегзит покажале „безобзирност“ кон жителите на Северна Ирска.