Македонија
18. јуни 2019 - 16:33

Таксисти од Битола бараат од Советот зголемување на цената за такси превозот

Здружението на лиценцирани такси превозници од Битола кое брои околу 200 членови, бара покачување на цената на такси превозот. Тие доставија барање до Советот на Општина Битола за усогласување на цената бидејќи се зголемиле трошоците кои ја одредуваат самата цена на такси услугите. Барањето го поднеле пред два месеца, а во меѓувреме имале и неколку средби во општината. Се надеваат дека нивното барање ќе се најде на утрешната седница на битолскиот совет.

- Цената на такси превозот не е зголемена веќе 10 години, а ни се покачени сите трошоци околу такси услугите. Поради овие причини апелираме до сите политички партии кои партиципираат во Советот на Општина Битола да го поддржат нашето барање. Бараме стартот од 20 денари, да биде 30 денари, а за секој изминат километар наместо 20, да се наплаќа 23 денари. Се надеваме дека граѓаните се свесни за потребата од ова наше барање, истакна Слободан Јанковски, претставник од здружението на лиценцирани такси превозници.

Претседателот на Советот на Општина Битола, Валентин Груевски вели дека нивните барања се оправдани и дека голема е веројатноста нивното барање за усогласување на цената на такси превозот да се најде на дневен ред на утрешната седница.