Македонија
1. January 2020 - 9:08

Близнаци се првородените бебиња во Скопје

Близначиња, женско и машко, се првите бебиња што се родија годинава во Скопје. Бебињата се родени на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

Како што информираат од Клиниката, првото е женско, родено во 00:01 часот, тешко 2360 грама и долго 47 сантиметри. Второто е машко и е родено во 00:03 часот, тешко 1760 грама и долго 46 сантиметри.
Бебињата и мајката Снежана од Скопје се чуствуваат добро.

Министерот за здравство Венко Филипче информацијата ја објави на својот фејсбук-профил и упати честитка до семејтство.

– Да се живи и здрави! На родителите им посакувам убава, среќна и бериќетна година!, пишува Филипче на фејсбук.

Традиционално денеска градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, заменик-министерот за здравство Арменд Арслани и директорката на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје Викторија Јовановска ќе ја посетат мајката и првородените бебиња.