Македонија
22. April 2024 - 19:53

Од утре започнува изборниот процес - Во домашни услови ќе гласаат болните и изнемоштените лица

Од утре започнува изборниот процес од првиот круг претседателски избори. Во домашни услови ќе гласаат болните и изнемоштените лица. Во третата изборна единица ова право ќе го искористат 1129 граѓани. Најмногу пријавени има во Берово и Пробиштип, по 188 одобрени решенија, па следува Кочани со 171 и Штип со 158 избирачи кои ќе гласаат дома.

-Доверливиот материјал ни пристигна вчера. Значи пристигнаа избирачките списоци и ливчињата за гласање. Во текот на денот го очекуваме и уредот за биометриска идентификација на гласачите, изјави Виктор Вацев, претседател на ОИК-Штип.

Во текот на утрешниот ден ќе биде отворено и избирачкото место во Казнено поправната установа – Затвор Штип.

-Таму бројката е пообемна, бидејќи станува збор за лица кои гласаат од територијата на целата држава, додаде Вацев

Во Штип право на глас имаат 41.489 граѓани, што е за 500 гласачи помалку од последниот изборен циклус.