Свет
31. July 2017 - 12:00

Околу 20 членки на ЕУ во трка за ново седиште на агенциите кои заминуваат од Лондон

Околу 20 земји-членки на ЕУ се вклучени во трката за избор на градот кој ќе биде ново седиште на европските агенции кои ќе го напуштат Лондон поради Брегзит.

Станува збор за Европската агенција за банкарство и Европската медицинска агенција. Тие сега се сместени во финанскиот центар „Канари Варф“, покрај брегот на Темза, во источниот дел на британскиот главен град.

Во двете агнеции досега работеа над илјада лица. Тоа можеби и не е голема бројка за големите градови како Лондон, но има големо значење за помалите градови и земјите членки на Унијата.

Атрактивноста да се примат кај себе овие две агенции е поголемо поради квалитетот на вработените во агенциите и нивната висока стручност, како и поради разните бизниси кои тие ги привлекуваат во земјите каде се лоцирани.

Вработените често се населуваат со своите семејства, а тоа значи дека трошат пари за секојдневното живеење, изнајмуваат или купуваат станови.

Според британските проценки, само овие две агенции досега на Лондон му носеа по најмалку 40 илјади ноќевања во хотелите за гостите кои престојуваа за работа поврзана со овие две агенции.

Одлуката каде агенциите ќе се преселат ќе биде позната во ноември годинава.

Засега нема вакви цврсти одлуки да се напушти Лондон од банкарскиот, осигурителниот или некој друг бизнис, кои сега се лоцирани во британскиот главен град, затоа што земјата е членка на ЕУ.

Неколку големи светски банки, меѓу кои и американските, меѓутоа, соопштија дека испитуваат каде би можеле да ги преселат своите седишта и филијали доколку Брегзит биде „премногу тврд“, а посебно ако Британија ја напушти ЕУ без да постигне договор.

Американците навестуваат дека во таква ситуација, новата локација, најверојатно, би била Ирска и нејзиниот главен град Даблин.