Loading Video...
Свет
17. April 2024 - 12:28

Преглед на вестите од светот

Во Хрватска денеска се одржуваат 11-те парламентарни избори од прогласувањето на независноста во 1991 година. Во 7 часот отворени се над 6.500 избирачки места на кои ќе може да се гласа до 19 часот. 
Право на глас имаат 3.733.283 хрватски граѓани, што е за 127.000 или три отсто помалку од претходните парламентарни избори во 2020 година. Тие се поделени во вкупно 12 изборни единици: 10 се распоредени на територијата на сите окрузи во Хрватска, 11-та е гласот на дијаспората, а 12-та е составена од гласачи на националните малцинства.

Во секоја од првите 10 изборни единици, во парламентот се избираат по 14 пратеници, додека три мандати избираат дијаспората и Хрватите кои живеат во Босна и Херцеговина, а осум доаѓаат од редовите на партиите на Србите и другите малцинства.

Се избираат 151 пратеник, па за мнозинство во хрватскиот Сабор потребно е да се добијат 76 мандати. Прелиминарните резултати ќе бидат познати веќе во текот на изборната ноќ.

На овие парламентарни избори учествува и претседателот на Републиката Зоран Милановиќ oд листата на СДП, како кандидат за премиер. Негов главен ривал е актуелниот премиер Андреја Пленковиќ од владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ).

Во Вишото јавно обвинителство во Заечар утрово од притвор се донесени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ, осомничени за убиството на Данка Илиќ (2), јавија српските медиуми.

Тие денеска ќе бидат сослушани. Нивниот притвор изминува на 3 мај. Вчера мајката на Дејан Драгијевиќ беше донесена во обвинителството и го искористи правото да не сведочи.

Срѓан Јанковиќ (50) од Лука и Дејан Драгијевиќ (50) од Злот, се осомничени за убиството на Данка Илиќ од Бор, по чие тело непрекинато се трага веќе 13 денови. Српски медиуми јавија дека тие ќе бидат испратени и на психијатриско вештачење. 

Советот за безбедност на ОН утре ќе одговори на барањето на Палестинците за полноправно членство во Обединетите Нации.

Амбасадорката на САД во Обединети нации, Линда Томас-Гринфилд изјави дека предлог-резолуцијата за полноправно членство на Палестина во ОН ќе помогне во решавање на израелско-палестинскиот конфликт по принципот две земји за двата народа.Таа додаде дека САД се подготвени да го прифатат барањето во нацрт-резолуцијата поднесена од Палестинската управа за нејзино целосно интегрирање во структурите на ОН. 

Шест поротници беа избрани синоќа за поротата на судењето против поранешниот американски претседател Доналд Трамп за фалсификување деловни документи во случајот со тајните плаќања кон актерката во филмови за возрасни Сторми Даниелс.

Изборот на поротата  почна во понеделникот и може да трае најмалку седум дена. Тоа вклучува избор на 12 жители на Менхетен, област во Њујорк претежно наклонета кон демократите. Се очекува тие да бидат непристрасна порота во кривичниот процес против поранешниот претседател и републиканскиот кандидат на претстојните ноемвриски избори.