Loading Video...
Свет
7. May 2024 - 12:25

Преглед на вестите од светот

Израелските сили (ИДФ) воспоставија контрола врз палестинската страна на граничниот контролен премин Рафа, што се наоѓа на границата на Појасот Газа со Египет, јавија британските медиуми, повикувајќи се на соопштение на израелското армиско радио. Kонтролниот пункт од палестинска страна е затворен поради присуството на израелски тенкови.

Претходно палестински функционер за безбедност и египетски претставник за американските медиуми изјавија дека израелски тенкови влегле во градот Рафа и се наоѓаат на само 200 метри од преминот.

Израелските власти го информирале Египет дека војниците ќе се повлечат по завршувањето на операцијата и дека станува збор за операција од ограничен обем. Израелските одбранбени сили (ИДФ) одбија да ги коментираат наводите, а американските медиуми не можат независно да го одредат опсегот на операцијата.

Вчера Израел нареди евакуација на повеќе од 100.000 Палестинци од источниот дел на Рафа во „безбедна зона“ во близина на градот Кан Јунис.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) претходно соопштија дека изведуваат „целни напади“ против палестинската милитантна група Хамас во источниот дел на Рафа, а палестинските власти соопштија дека во воздушните напади загинале најмалку пет лица.

Израелскиот воен кабинет одлучи да ја спроведе планираната операција во Рафа со цел „да изврши воен притисок врз Хамас“, и покрај претходната изјава на Хамас дека палестинската група се согласила со египетско-катарскиот предлог за прекин на огнот.

Израелскиот кабинет објави дека целта на „операцијата“ во Рафа е да се постигне напредок во ослободувањето на заложниците, како и други воени цели. Либанската група Хезболах соопшти дека извршила напад со беспилотно летало врз израелска воена позиција во близина на северниот град Метула, а  израелската армија подоцна потврди дека во нападот загинале двајца војници.

Стотици Израелци продолжија со протести во Тел Авив и бараат од израелската Влада да го прифати договорот со исламската група Хамас за да се постигне ослободување на заложниците.

Жителите на Елдорадо до Сул ги поминаа последните неколку дена кампувајќи на автопат надвор од градот, чекајќи да бидат спасени. Градот се наоѓа на 12 км од Порто Алегре и беше отсечен по копно откако обилните дождови го подигнаа нивото на реката Јакуи и езерото Гуаиба, кои го опкружуваат градот.

Поради невремето загинаа најмалку 85 луѓе, а повеќе од 150.000 се раселени, соопшти државната агенција за цивилна одбрана. Стадионот на фудбалскиот клуб Гремио од Порто Алегре е претворен во каллив базен, а поплавите од невремето уништија патишта и мостови во неколку градови, додека предизвикаа лизгање на земјиштето. Временските услови се подобрени, но посилни дождови се очекуваат во периодот од 10-15.мај според локалната метеоролошка служба.