Loading Video...
Свет
10. May 2024 - 12:15

Преглед на вестите од светот

Десетици илјади раселени Палестинци ги спакуваа своите шатори и други работи и бегаат од Рафа во други делови на Појасот Газа поради заканата на Израел од инвазија на градот. Израел постојано се заканува дека ќе го нападне градот, каде засолниште побараа околу 1,3 милиони Палестинци, повеќе од половина од населението во Газа. Раселените не знаат каде да одат. ОН објавија дека северниот дел на Појасот Газа веќе е во состојба на „тотален глад“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека американската закана дека нема да достави одредено оружје нема да го спречи Израел да продолжи со офанзивата во Појасот Газа и дека Израел „ќе се бори сам доколку е потребно. Нетанјаху со месеци инсистира на копнена офанзива од големи размери во Рафа, каде што тврди дека се кријат последните борци на палестинското движење Хамас.

Во текот на оваа недела израелските сили започнаа ограничена операција во која го зазедоа граничниот премин Рафа од палестинска страна и го блокираа влезот на хуманитарна помош.

Израел смета дека Рафа е последното упориште на борците на палестинското движење Хамас и дека армијата мора да влезе во градот за да го уништи движењето и да ги врати заложниците кои беа киднапирани на 7 октомври.

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен ја потврди „јасната позиција на претседателот Џо Бајден дека САД не подржуваат крупна воена операција во Рафа и се против секакво  принудно преместување на Палестинците во Газа“.

Портпаролот Метју Милер укажа и дека Блинкен „ја изразил подршката на САД за повторно отварање на пограничниот пункт Рафа и продолжување на испораките на итно потребната хуманитарна помош“. Блинкен исто така изразил благодарност до Египет за посредништвото во преговорите за постигање привремен прекин на огнот во замена за ослободување на заложници.

Египет апелираше до Хамас и Израел да покажат флексибилност со цел што поскоро да се постигне прекин на огнот во борбите во Газа, соопшти утрово египетското Министерство за надворешни работи.

Американскиот огранок на групата за човекови права Амнести интернешнал предупреди дека израелската копнена офанзива врз градот Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, ќе доведе до смрт на голем број цивили кои не можат да добијат помош.

Инаку, на Изборот за песна на Евровизија Израел се пласираше во финалето. Во текот на вчерашниот ден во Малме каде што се одржува годинашниов избор на Евровизија имаше околу 10-12.000 демонстранти кои бараа Изреал да биде исклучен од Евровизија. Малме е град во Шведска каде живеат многу Палестинци. Полицијата во Малме ги зајакна мерките за безбедност.

Израелкската пеачка Еден Голан настапи со песната Ураган и беше пречекувана со свирежи и извици на незадоволство уште за време на пробите, но беше поздравувана и со аплаузТаа настапи во бел фустан кој визуелно потсетува на завои. Учеството на Израел на изборот за песна на Евровизија е многу контроверзно со месеци. Неколку учесници на Евровизија се изјаснија за исклучување на Израел.