Македонија
25. April 2024 - 16:35

Таткото на Вања Ѓорчевска оди во куќен притвор

Таткото на убиената Вања, излегува од Шутка. Врховниот суд му го укина притворот на Александар Ѓорчевски и го замени со куќен притвор. Одлуката следи по само два часа откако тој утринава на јавна седница побара врховните судии да му одредат поблаги мерки за обезбедување. Во кусиот емотивен говор низ солзи рече дека е неосновано осомничен дека помагал во грабнување на својата ќерка.

„Се соочувам со апсолутни обвинувања до апсолутност. Истата реторика ја приметив и од обвинителот кој прејудицираше некои мотиви кои не ги разбирам. Ми одземаа се. Веќе не сум ни родител ни татко. Ехо од човек остана од мене“, говореше пред судиите Ѓорчевски.

Неговиот адвокат објаснувајќи зошто Ѓорчевски повеќе не треба да е во ефективен притвор, пред судиите посочи дека во меѓувреме бил сослушан и дал важни информации за истрагата.. Ги кажал и лозинките за пристап до неговите електронски уреди.

Од обвинителството велат преземаат повеќе дејствија за случајот, но во фазата во која се наоѓа истрагата, немало можност за откривање детали.

Во меѓувреме и останатите тројца обвинети барале поблаги мерки, но Врховен одбил да им се укине притворот. Домашните институции пак се уште ја чекаат екстрадицијата на Палевски од Турција.

Убиството на Вања се случи пред пет месеци, а на петтемина осомничени им се препишува и убиството на велешанецот Жежовски.