Македонија
22. January 2024 - 12:58

Тренчевска: Трите малолетни деца од семејството на девојчето кое се лекува од тешки повреди на Клинички во Скопје ќе се сместат во згрижувачко семејство

Трите малолетни деца од семејството на четиригодишното девојче кое пред шест денови беше донесено во критична состојба во Клиничкиот центар во Скопје и таму се лекува, ќе бидат сместени во згрижувачко семејство, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Струмица на отворање на сензорна соба во градинката „Виножито“.

Како што информираше таа, мајката е со детето е во Детската болница во Скопје и штом и се подобри состојбата на девојчето со мајката ќе работи стручен тим од Центарот за социјални работи за јакнење на капацитетите во делот на родителството и грижата за децата.

-Штом Центарот утврди дека мајката ги има капацитетите да може да се грижи за децата да и бидат вратени, а дотогаш тие ќе бидат згрижени во згрижувачко семејство, каде ќе им бидат обезбедени сите услови за нормално детство на трите малолетни деца, а секако истражните органи ја водат постапката и потоа по утврдување на фактите ќе бидат пртеземени дополнителни мерки од страна на МТСП, односно Центарот за социјална работа, рече Тренчевска.

Додаде дека се работи за семејство кое нема документи и покрај повеќегодишните повици на Министерството ваквите лица да се евидентираат и да се пријават во матичната евиденција за да може да им се издадат документи и да ги добиајт сите права од детска и социјална заштита.

-За нив ќе биде спроведена постпапка за да можат да ги добијат личните документи и да можат да се вклучат во програмата за детска и социјална заштита. Немам информација од каде се дојдени овде во Струмица, но Центарот за социјални работи излезе на лице место, а секако тука се вклучи и Медицинскиот центар Струмица, којшто им ја пружи неопходната задравстевена заштита на семејството и сигурно се работи за супстандардни услови за живеење, посочи Тренчевска.

Министерката повтори уште еднаш доколку Центарот за социјални работи утврди дека понатаму нема услови родителите да се грижат за овие деца ќе им се земат и ќе бидат сместени во згрижувачко семејство. 

Инаку, првично мајката на девојчето пријавила дека повредите се од напад на куче, но истражните органи проверуваат дали тоа е вистинската причина, а случајот го води Основното јавно обвинителство во Струмица.