Македонија
4. September 2015 - 16:19

Весникот ВЕЧЕР: Ексклузивна репортажа од српско-унгарската граница каде е поставен ѕидот на ЕУ против мигрантите

Македонија како држава ги обезбедува сите неопходни услови и можности за хуман прием на мигрантите, нивниот краток престој во прифатните центри и транспорт до северната граница од каде продолжуваат кон нивната крајна цел рече националниот координатор за намалување ризици од несреќи Живко Јанкуловски кој заедно со директорката на центарот за управување со кризи денеска беше во посета на прифатниот камп во Гевгелија. Според најавите деновиве се очекува нов бран на мигранти за кој Јанкуловски информираше дека државата со сите надлежни институции е подготвена да го прифати.

,, Се подготвуваме нормално ако настанат и поголеми доаѓања од мигранти од страна на Грција. Исто така се подготвуваме и ја разгледувавме можноста за она што значи, односно она што го најавува Унгарија дека ќе донесе закон од 15 за забрана. Тоа би било лошо решение и мислам дека е лошо и некоректно решение и од ЕУ и од Унгарија како држава. Се надевам дека сепак тоа ќе се реши до тој период и дека нема да се случи.,, рече Живко Јанкуловски национален координатор за намалување ризици од несреќи

Директорката на центарот за управување со кризи Сузана Салиу информираше дека главниот штаб кој функционира во рамки на центарот има одлична координација со сите чинители и дека секојдневно се преземаат низа активности за што поуспешно справување со големиот број мигранти кои пристигнуваат во државата.

,, Со градбата на овој прифатен центар Република Македонија прави една голема хумана работа за бегалците, за мигрантите и ние до крај ќе се обидеме да бидеме хумани затоа што Република Македонија е хумана држава, хумани се и нашите граѓани.,, рече Сузана Салиу – директор на центар за управување со кризи

Според последните информации во изминатото  деноноќие МВР има издадено нови 1808 потврди  за искажана намера за поднесување на барање за признавање право на азил на странски државјани од кои најброји се државјаните на Сирија.