Македонија
9. May 2024 - 16:43

ВМРО-ДПМНЕ почнува преговори за нова Влада, поставени три принципи за коалицирање

Економски силна држава, фронт против криминалот и корупцијата и реализација на стратешкиот интерес за европска интеграција. Ова се трите принципи врз основа на кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ги бара идните коалициски партнери. Мицкоски утрово на состанок со најблиските соработници ги постави темелите за кои вели дека граѓаните ќе бидат на прво место.

Во новиот владин кабинет нема да има место за ДУИ. Ден по убедливата победа од ВМРО-ДПМНЕ и денеска со став дека вчерашните резултати се потврда дека граѓаните сакаат покрај СДСМ, во опозиција да одат и интегративците. 

Дали ќе се преговара и со ЗНАМ и Левица, од партијата денеска без конкретен одговор. Шанса за преговори со сигурност добива албанската опозиција предводена од Коалицијата Вреди.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ уште вчеравечер потврди дека телефонски разговарал со лидерите на партиите од албанската опозиција кои се посакуван коалициски партнер. Покрај тоа што ќе одат во опозиција, Мицкоски порача дека ДУИ ќе се соочи и со одговорност за сите криминали.

Првите придобивки од новата Влада предовдена од ВМРО-ДПМНЕ од партијата велат дека граѓаните ќе ги почувствуваат во првите 100 дена од нејзиното формирање.