Македонија
7. May 2024 - 16:37

Во Штип гласаат болни и изнемоштени, излезноста со ист процент како и во првиот изборен круг

Од утринава членовите на избирачките одбори излегоа на терен за да им овозможат на болните и изнемоштени лица да гласаат во домашни услови. На територија на општина Штип има пријавено вкупно 208 лица. Во штипската приградска населба „Железника“ гласаа 76 годишната Слободанка Гошова и 81 годишната Митра Арсова. Велат дека секој треба да го искористи своето демократско право.

- Треба да се излезе на гласање, се знае гласање што е, треба да се излезе- изјави Митра Арсова

- Обавезно, обавезно треба да се гласа, посебно младите- изјави Слободанка Гошова

На ова избирачко место има двајца гласачи повеќе на избирачкиот список за парламентарните избори, во однос на претседателските, а претседателот на избирачкиот одбор, објаснува зошто е тоа така.

- Добив известување од ОИК, во периодот помеѓѕ двете гласања, претпоставка е дека млади лица наполниле 18 години и се стекнале со право да гласаат на парламентарните избори- изјави Маријан Арсов, претседател на ИО на ИМ 2282-Штип

Во 7 часот наутро беше отворено и избирачкото место во Казнено поправната установа – Затвор – Штип. 

- Имаме 206 избирачи и во двата избирачки списоци, за претседателсио и за парламентарни избори и досега има излезено 71 гласач, изјави Адријана Хаџиниколова, заменик претседател на ИО на ИМ 2307- затвор Штип

Излезност до 11 часот е скоро идентичен со првиот круг претседателски избори, односно, 35%.