Македонија
5. May 2024 - 16:54

Вообичаен број интервенции на скопската Брза помош за продолжениот празничен викенд

Вообичаено со по 80-тина интервенции дневно поминува продолжениот празничен викенд во скопската Брза помош. Поради испразнетиот главен град, најголемиот број повици деновиве на 194 биле од хронично болни пациенти, кај кои наглите временски промени дополнително им ја влошиле состојбата.

- Имаме интервенции за колапси, сообраќајки вообичаено 5 мислам за време на викендот, и стандардно од нашите хронични пациенти за кои сме тука и за консултации и за интервенции доколку има потреба поради нивната состојба, изјави д-р Марина Сотировска, шеф на смена во скопската Брза помош.

Во однос на мрсната храна и јајцата за велигденските празници доктор Сотировска советува да се јаде умерено. Посебно да внимаваат граѓаните со хронични заболувања, а младите да не претеруваат со алкохолот.

- Да се јаде умерено, а хронично болните да не претеруваат, и покрај традиционалниот ручек да консумираат повеќе салати, супи, овошје, зеленчук, советува д-р Сотировска.

За велигденските јајца лекарите советуваат, јадете онолку колку би можеле да изедете и секој друг ден. Истите да се консумираат до една недела по фарбањето доколку се чуваат во фрижидер или ладна просторија.