Македонија
20. May 2024 - 16:33

Жителите на прилепско Оревоец на Суд ќе ја бараат правдата

Жителите на прилепско Оревоец повеќе од 2 недели протестираат против новиот ископ за градежен камен на конзорциумот на Бехтел и Енка кој се наоѓа на само 200 метри од нивното село. Преку правни застапници денеска тие до Основниот суд во Прилеп поднесле предлог за обезбедување на докази која постапка по закон е итна и судот е должен да излези на увид на лице место со вешти лица кои ќе го утврдат степенот на загрозување на животната средина, уништувањето на изворите со вода и загрозувањето на животот на жителите. Поднесена е и претставка до Уставниот суд.

„Во текот на денешниот ден ја поднесовме иницијативата за оценка на уставноста на член 10 став 4 од Законот за утврдување на јавен интерес, со кој Бехтел и Енка се избрани како партнер на државата во реализација на проектот за изградба на патишта на коридорите 8 и 10. Се надеваме дека Уставниот суд ќе излезе во пресрет и во однос на посебниот предлог за изрекување на привремена мерка со која привремено ќе го спречи извршувањето на членот 10 став 4 од овој закон до конечно одлучување по иницијативата“, изјави Жарко Стеваноски, адвокат.

Жителите велат дека трајно се уништува нивниот имот и природата. Се сомневаат дека еден од изворите за вода веќе е уништен со минирањето.

„Едниот извор е веќе во опасност, тоа можете да го забележите, да го снимите, канализирана е водата и посиромашни сме за еден извор. Треба сите 4 да се пресечат па потоа да се реагира? Треба да се пресели планината па потоа да се реагира? Значи ние не сме само ние загрозени во село Ореовец, само не е уште дојден моментот кога прилепчани, а и јас сум прилепчанец, кога сите останати наши сожители ќе разберат дека ние навистина сме биле во опасност. Е сега немаме вода! Тогаш касно ќе биде...“, вели Дејан Ачкоски, жител на село Оревоец.

„Црквата е оддалечена од овде 200-300 метри, некни влеговме и од експлозиите престолот назад во олтарот што е беше сето одронато од малтарот. Не само тоа, многу куќи што се сега градени, правени испукани се“, додаде Борис Наумоски, жител на село Оревоец.

Засега ниту една државна институција не ги исконтактирала за целата ситуација. Но тие велат дека и покрај игнорантскиот однос на државата нема да дозволат понатамошни копања над селото и продолжуваат секој ден со протестите и блокадите.