Свет
6. November 2023 - 7:56

Невреме во Италија, евакуирани 1200 жители на Тоскана | ВИДЕО

Силен дожд проследен со силен ветер денеска во раните утрински часови ја погоди Тоскана, принудувајќи околу 1.200 жители да се евакуираат, соопштија локалните власти.

Еугенио Џани, претседателот на тој италијански регион, изјави дека повеќе од 16.000 домаќинства останале без струја.

Најмалку седум лица загинаа во невремето што веќе го погоди овој популарен туристички регион во четвртокот вечерта.

Најтешко беа погодени провинциите Прато и Пистоја. Реката Бизенцио и помалите потоци се излеаја од коритата и ги поплавија околните села, но веќе започнаа работите за чистење на областите од кои водата почна да се повлекува.

„Нашата Тоскана можеби е ранета, но веќе почнавме да се обновуваме. Форца!“, напиша Џани во објава на Фејсбук.

Силен дожд и силен ветер ги погодија и другите региони во северна и централна Италија.

На видеата се гледаат многу високи бранови долж Лигурската ривиера. Во исто време, градските власти на Венеција ги активираа браните MOSE кои ја изолираат венецијанската лагуна и го штитат центарот на градот од поплави.