Македонија
7. July 2023 - 12:06

Остри реакции од новинарските здруженија и ВМРО-ДПМНЕ откако новинар на Слободен печат даде отказ поради повлечен текст поврзан со концесиите за рудникот во Струмица

Новинар на Слободен печат даде отказ откако уредниците му го повлекле текстот за рудникот Иловица.

Станува збор за текст со наслов ,,Владата полутајно му дозволила на милионерот Дестани да ги спои концесиите за рудник во Струмичко''. Неколку часа по објавувањето, текстот беше избришан, а линкот беше неактивен.

Ваквата постапка на медиумот утрово остро беше осудена од Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници од каде посочуваат дека ваквата срамна постапка сама по себе претставува скандал и грубо прекршување на слободата на говор и професионалното новинарство.

Во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ пак, се вели дека власта на Ковачевски се претвори во цензор за да ги прикрие криминалите и корупцијата.

Јавноста вчера беше сведок на тоа кога една вест за концесијата за контроверзниот рудник беше тргната од онлајн изданието на еден медиум.

- Веројатноста дека тоа е направено под притисок на власта на ДУИ и СДС е огромна. Тие единствено имаат интерес вакви вести и информации да бидат сокриени од јавноста, затоа што ја покажува целата нивната нетранспарентност и коруптивност. Кому пречела оваа вест? Дали Ковачевски се претвори во цензор кој забранува да се зборува за полутајните и матни постапки во неговата влада? Што крие Владата? Кој се јавувал и вршел притисоци? Очекуваме сите овие прашања Ковачевски, но и ДУИ и СДС да ги одговорат. Цензурирањето на вести е скандал исто колку што е скандалозна и самата тема која што била забранувана. Ние го осудуваме ваквото поведение на цензурирање на вести, се вели во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ